Јас ги слушам овие гимнастики на отворена сцена од дуото кое што ја води во моментов Македонија, Груби и Ковачевски. Морам да напоменам дека не е професија етничката припадност. Кај Артан Груби да се биде криминалец, не значи етничка припадност, кај Ковачевски да се биде криминалец не значи етничка припадност.

Ние како ВМРО-ДПМНЕ не сме против никој проект кој што опфаќа одредена целна група, етничка група, географска положба во Македонија, ниту сме против изградба на коридорите како што се дел од коридорот 10Д и дел од коридорот 8, кои што се всушност и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Но за што сме против? Еве сега ќе ви кажам. Против сме, да знаете дека не можете работната недела, бидејќи постои одлука на Уставниот суд, да ја продолжите од 40 на 60 работни часа, а да потпишете договор кој што ќе опфати пенали во вредност повеќе од 200 милиони евра. Да, за тоа сме против и за тоа ќе има одговорност, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од општина Градско запрашан за коментар за коридорите 8 и 10Д во изградба на „Бехтел и Енка“ за кои премиерот Димитар Ковачевски избегнува да коментира, а од власта обвинуваат дека се води хајка против коридорот 8.

Мицкоски посочи, против сме да во услови на арбитража и спор со фирмата изведувач, македонското законодавство да го суспендирате и да важи законодавството на Англија и Велс, кое што по својата природа е различно од македонското, односно, македонското е континентален модел, а ова е англосаксонски модел.

Против сме кога ќе се трошат буџетски пари, пари од граѓаните, да се суспендира Законот за јавни набавки, како што тоа го бара Владата на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ.

Мицкоски додаде дека исто така ВМРО-ДПМНЕ е против да се гради овој голем проект без да биде извадено одобрение за градба како што тоа го бара Владата во измените на Законот за градење, кои што исто се доставени во парламент, посочувајќи дека се против и да се наплаќаат цени за асфалт, за бетон, за расчистување на терен два до три пати поголеми од тие кои што се пазарни и дивоградбите да се експропреираат по цена која што е иста како и легалните градби. И, конечно, сме против криминалот кој што е присутен во овој проект, истакна Мицкоски.

Додаде дека има еден начин да докажат дека навистина се грижат за Македонија, за македонското стопанство, за граѓаните, истите овие услови кои што ги потпишале, да им ги дадат на македонските компании, да ги соберат без разлика дали сопственик на македонската компанија е Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, Бошњак, Србин. Дали вработените имаат ваква или таква етничка припадност.

„Еве нека ги соберат компаниите во Македонија и нека кажат еве го проектот сработете го вие. Не да ми кажуваат дека 30, 40, 50% ќе бидат македонски работници, нека биде 100 проценти ако навистина се грижат за македонското стопанство и за македонските граѓани. За тоа сме против и ќе бидеме против и жестоко ќе се бориме да го исправиме сето ова. Не сме против да се гради. Ние сме партија која е позната по градењето, по реализација на проекти. Не сме против компании реномирани, но сме за нашите македонски компании и ќе продолжиме да се бориме за нашите македонски компании и се ќе направиме идната влада на ВМРО-ДПМНЕ за нашите македонски компании да им овозможи да имаат услови за работа со кои што ќе вработуваат наши македонски граѓани“, рече Мицкоски.