Повеќе од 187.000 луѓе се раселени низ Појасот Газа, а се очекува тој број да се зголеми, соопшти денеска Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).
Агенцијата наведува дека во нејзините засолништа во Газа има повеќе од 137.000 луѓе, кои се засолниле поради израелските удари кои следеа по нападот на Хамас врз Израел, пренесува Би-Би-Си.
Според податоците на Агенцијата, 83 школи на агенцијата се претворени во засолништа. Се вели дека една школа на ОН во која се сместени раселени семејства била „директно погодена“, но не се наведуваат дополнителни детали.
Не е познато колку луѓе имало во засолништето во моментот на нападот. Агенцијата исто така, соопшти дека била принудена да ги затвори сите 14 центри за дистрибуција на храна и дека како резултат на тоа половина милион луѓе престанале да добиваат помош во храна. Израел започна возвратни напади врз Појасот Газа по ненадејниот напад на палестинската милитантна група Хамас во саботата наутро, а во понеделникот Израел нареди „целосна опсада“ на Газа.
Во судирите досега загинаа повеќе од 1.600 луѓе од двете страни.