Ние сакаме конзесуален претседател и секако дека можеме да зборуваме и за имиња, но за тоа е многу рано, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети на вчерашното гостување во ТВ Клан Македонија.
Тој во дебатата рече дека грчкиот парламент во јануари ќе ја ратификува поканата за НАТО, за потоа овој процес да продолжи и со другите земји. Ахмети уште еднаш го потенцира својот став против идејата за органиизрање предвремени парламентарни избори .
– Предвремените избори не се решение за актуелните проблеми, а особено за веќе почнатиот процес. Грчкиот Парламент во јануари ќе ја ратификува поканата за НАТО, за потоа овој процес да продолжи и со другите земји. Тоа е еден неповратен процес. Повторно велам дека ќе најдеме енергија да ги поминеме овие настани без болка и без последици за процесите. Главната одговорност тука спаѓа врз СДСМ. Секако дека и ние не можеме да избегнеме од одговорноста, но има многу ресори каде ние немаме влијание. Таму, СДСМ има повеќе влијание како поголема политичка сила, изјави Ахмети во емисијата Дебата на ТВ Клан Македонија.
Ахмети негираше дека се дискутирало за нова владина реконструкција.
– Важните работи се движат во добра насока, иако не е направена детална анализа за нашите функционери. Не сакам да искажувам мое индивидуално мислење, без конкретна анализа. Овие работи ги дискутираме со партиските органи, но и со партнерите во коалицијата, затоа што одговорност и анализа ќе има. Политиките треба и се праваат заедно и нормално е дека ќе ги дискутираме, рече Ахмети.