Заев не треба да се разочарува и не треба да си дава оставка, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети во синоќешното гостување на ТВ 21.
Ахмети смета дека премиерот Зоран Заев не е во право кога најавува оставка на чело на Владата доколку Петре Шилегов в недела загуби од Данела Арсовска на изборите за градоначалник на Град Скопје.
– Мислам дека Заев избрза. Ова се локални избори. Заев не се кандидирал за градоначалник. Заев има 4 годишен мандат како премиер. Не знам која е неговата стратегија, но не треба да се разочарува. Тој треба да работи со неговиот тим и да победат во Скопје, рече Ахмети.
Според коалициониот партнер на Заев, претседателот на СДСМ не треба да се разочарува и дека претстојат други предизвици што треба да се сработат.
– Зоран Заев има договор со коалициските партнери. Јас имам договор со него. Нема никаква смисла и логика Заев да даде оставка ако се изгуби Скопје. Не дека ќе го изгуби, но не е добро така да изјавува. Тој е премиер, не е градоначалник на Струмица. Никако не смее да даде оставка. Државата има многу сериозни предизвици. Заев има мандат и не може да се повлече. Имаме владина програма. Имаме сериозни проекти кои сме ги ветиле. Затоа, не верувам дека ќе даде оставка, рече Ахмети.