Уставните измени треба да се случат, како што се случи со Преспанскиот договор, така треба да се случи и со Договорот за добрососедство. Вклучувањето на заедниците, Бугарите, Црногорците и другите да бидат уставна категорија со што конечно ќе се затвори едно историско поглавје за нашите сограѓани Македонци и конечно ќе се легитимираат како нација и култура на меѓународно ниво и за ова ја имаат нашата најголема поддршка, истакна лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети на денешното одбележување на 21-годишнината од основањето на партијата.
Ахмети апелираше до ВМРО-ДПМНЕ да рефлектираат и да ја согледаат, како што рече, грешката што ја направија во случајот со Преспанскиот договор и да се солидаризираат кон легитимирање на нацијата и интегрирање на земјата во ЕУ.
– Мислам дека ВМРО ДПМНЕ има толку капацитет и програмски и кадровски за да рефлектираат околу политичките случувања и околу геополитичките прашања кои се важни за државата и за регионот, рече Ахмети.
Демократската унија за интеграции (ДУИ) денеска со панел дебата насловена „Европски фронт“ и обраќање на лидерот на партијата Али Ахмети одбележа 21 година од основањето.
– Затвораме едно историско поглавје. Сме направиле историја, најновата историја на оваа држава, рече Ахмети во обраќањето пред членовите на ДУИ, додавајќи дека во изминатите 21 година не доживеале пораз, а на секое соочување биле посупешни.
Навраќајќи се на конфликтот од 2001 година, Ахмети рече дека тој не бил за делење на власта, туку за единство и оти во годините по него ДУИ работела на обединување на Албанците во земјата.
– Македонија сега е земја на НАТО. Пред нас сега се поставува нова мисија или барање. За да го олесниме овој процес сме анализирале до детали која е најголемата потреба во оваа ситуација, што може да и послужи на оваа земја, рече Ахмети посочувајќи на Фронтот за Европа и на серијата средби и консултации.
Фронтот за Европа е отворен за сите партии без разлика дали тие се во власта или опозиција.
– Посебна мисија на ДУИ е членството на земјата во ЕУ и тоа е една посебна услуга за граѓаните и тоа би било голем успех и достигнување за земјата и за ДУИ. Ако некогаш сме мислеле дека ќе ни требаат 10 години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за 3-4 години ние ќе бидеме членка на ЕУ бидејќи и околностите се сменија во полза на тоа овој пат да се забрза“, нагласи лидерот на ДУИ.
Според лидерот на ДУИ, откако заврши спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, тие се насочиле кон изградба на инфраструктурата што е многу важно за прашање за иднината на нашата земја и за регионот.
– Коридорот 8 не е веќе сон, којшто 30 години беше во фиока. Веќе се почати работите за изградбата и за пет години ќе биде завршена и ќе чини од прилика две милијарди евра. Ова ќе биде од голема помош за европскиот просперитет на државата, рече Ахмети.
Тој, исто така, зборуваше и за поделбите во партијата и побара да не бидат налутени 150.000 луѓе кои ја гласале ДУИ.
– Не се во право. Имам душевна болка. Со оваа фракција, тие се во акција, а не како фракција. Јас не сакам сопствените работи да се ставаат над заедничките. Секогаш се дебатирало внатре во ДУИ. Не ти ги решава проблемите комшијата, туку тие проблеми се решаваат дома, рече Ахмети осврнувајќи се на внатрепартиските состојби.
Претходно денеска на панел дебата насловена „Европски фронт“, освен Ахмети, зборуваа и поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, професорот Петар Арсовски, новинарот Газменд Ајдини, поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи и други.