Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро ги демантира изнесените ставови на прес конференцијата на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, на која тој обвини дека надлежните државни органи дозволиле увоз на небезбеден зеленчук со концентрации на пестициди над максимално дозволените концентрации.
Документите кои ги презентираше Трипуновски не се тајна, напротив, тие се само уште една потврда дека државата си ја врши работата, односно дека контролите се спроведуваат, велат од Агенцијата, пренесе Плусинфо.
„Како и досега, сѐ додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, вклучително и со зеленчук, се ставаат под официјален надзор. Истите не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на добивање незадоволителен резултат пратката се поништува, или се наредува враќање на истата во земјата на потекло. Пратките на домати кои се увезуваат од Албанија се под засилен надзор и за секоја се врши лабораториско испитување. За, како што вели Трипуновски, сомнителните пратки зеленчук со пестициди, впрочем и самиот тој изразува само сомнеж, но не и тврдење, велејќи дека зеленчукот можел да заврши на пазарите во земјава. Го повикуваме, доколку вистински располага со докази за сторен криминал за кој повикува на одговорност и бара оставки, да ги приложи до надлежните институции, а не преку прес конференции да ја заплашува јавноста дека државата ги труе граѓаните со небезбедна храна“, се наведува во реакцијата на АХВ.
Во однос на резултатот од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина на, како што се вели во објава на социјалните мрежи, мостра од домат по потекло од Република Албанија, кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, за АХВ се работи за мостри на домати кои не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот. За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа Агенцијата се сомнева во резултатот.
Врз основа на ова Агенцијата соопшти дека преку инспекторите веќе спроведува дополнителни, засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори кои извршиле увоз од Република Албанија, со цел утврдување на потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од домашно производство и дали доколку се увезени ја имаат потребната документација која опфаќа и извршени лабораториски анализи.
Од почетокот на годинава досега, земени и лабораториски тестирани се 63 мостри од зеленчук (домати, краставици, пиперки), од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди биле само две пратки и тоа една со краставици од Албанија кои се уништени и една пратка со пиперки по потекло од Албанија, која сѐ уште се наоѓа под официјален надзор.
Минатата година земени се вкупно 133 мостри од увозен зеленчук (краставици, пиперки, домати и други производи). Потврдени се лабораториски четири позитивни резултати на пестициди и тоа два резултати од домати увоз од Албанија, еден позитивен резултат од јаболка и еден резултат позитивен на пестициди во пратка со компир, увоз од Белгија.
Небезбедните пратки се нештетно уништени, а за оние по потекло од Република Албанија известени се и надлежните државни органи во земјата извозник, за преземање активности во однос на подобрување безбедноста на производите кои се извезуваат, додаваат од Агенцијата за храна.