Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за промет на замрзнатиот зеленчуков микс „Сани фантази – Царски микс” по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, поради сомнеж за физичка контаминација (присуство глушец) и нареди негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава.

Како што соопшти АХВ, издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверка на секоја серија/лот од овој производ во сите маркети каде е пласиран.

Агенцијата апелира, доколку потрошувачите купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат, а ако утврдат присуство на страни тела, да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат АХВ.

-АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија/лот на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени за лабораториско испитување, нагласи директорот на АХВ, Николче Бабовски.

За случајот кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка.

-Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции. Ги потсетуваме граѓаните дека секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната можат да ја пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство, лично, писмено, електронски на info@fva.gov.mk и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, наведува АХВ.