Агенцијата за храна и ветеринарство во пратка по потекло од Шпанија утврди присуство на вирусот африканска свинска чума.
Пратката е во вкупна тежина од 21 тон и 312 килограми. Не претставува опасност, бидејќи воопшто не е пуштена во промет, веднаш е земена мостра, испитана е и денеска со сите преземени биосигурносни мерки ќе биде уништена.
Ова денеска го изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, кој рече дека пратката по потекло од Шпанија, е внесена во регион во Бугарија, кој е слободен и оттаму преку граничниот премин Деве Баир е влезена во Македонија и е откриена при спроведувањето превентивна мерка земање примероци од секоја пратка од животинско потекло поточно која потекнува од свинско месо од земјите во кои веќе е прогласена болеста африканска свинска чума и слободните региони кои ја имаат прогласено.
Атанасов посочи дека за пратката ќе ја известат Светската здравствена организација за заштита на животните, како и Европската унија.
– Продолжуваат превентивните мерки кои Агенцијата ги спроведува на терен. Апелираме до граѓаните да не внесуваат производи од животинско потекло во државата, особено од земјите каде е прогласена болеста африканска свинска чума. Продолжуваат мерките да се забрани чувањето на отворено на свињите во државата, како и мерката на депопулација во оние биоодгледувалишта кои немаат основни биосигурносни мерки. Продолжува отстрелот на дивата свиња, тој ќе се интензивира од утре, бидејќи и официјално секоја година традиционално на 11 октомври почнува отстрелот на диви свињи, додаде Атанасов.