Да се најде законско решение за воведување забрана за чување свињи на одгледувалишта што немаат воспоставено соодветни биосигурносни мерки со цел спречување на појава и ширење на болести кај животните, вклучително и на африканската свинска чума, за која алармот за опасност од појава и на институциите и на одгледувачите е дигнат на највисоко ниво.
Ова, како што соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство, на вчерашниот состанок со директорот на Агенцијата Зоран Атанасов го побараа претставниците на Здружението на производители на свињи и свинско месо – „Гицко”.
Со цел намалување на ризикот од појава на болеста африканска свинска чума која е веќе присутна во некои од соседните земји, тие на средбата побараа изнаоѓање модел со кој ќе им се овозможи да извршат организиран откуп на свињи кои се одгледуваат во селските домаќинства по пазарна цена, без оглед на категоријата и килажата на животните, за што изразија и подготвеност.
Месото од откупените свињи, како што истакнаа на состанокот, ќе го понудат за преработка на домашната месна индустрија.
– Согласно член 57 став 1 и членот 110, став 1 точка 5 од Законот за ветеринарно здравство одгледувачите на свињи, кои не ги спровеле обврските од Годишната наредба за здравствена заштита на животните, односно не воспоставиле биосигурносни мерки на фармите, ќе се соочат со предвидената санкциона мерка да не им биде исплатена отштета за убиените животни при спроведувањето на мерките за искоренување на болеста. Затоа и сегашната кампања на АХВ е насочена кон подигнување на биосигурносните мерки на одгледувалиштата, рече директорот Атанасов.
Со цел елиминирање на секаква можност од појава и ширење на болеста африканска свинска чума, како што додаде Атанасов, сериозно ќе биде разгледано и барањето на здружението „Гицко“ за воведување мерка – забрана за одгледување свињи во селските домаќинства за сопствени потреби од причина што во услови на сериозна епизоотиолошка состојба во соседството и реална опасност од пренесување и ширење на болеста, сега не е време за ваков начин на одгледување свињи.
На состанокот беше презентирана состојбата во секторот свињарство во нашата земја, со акцент на бројната состојба на фармите каде се одгледуваат свињи и степенот на имплементираност на биосигурносните мерки, како една од основите за спречување појава и ширење на болеста африканска свинска чума.
Како што беше речено, согласно пописот на свињарските фарми што во март годинава го спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство, во земјава се евидентирани 2.315 одгледувалишта на овој вид добиток со вкупно 125 илјади свињи. Најголемиот дел или 42 проценти од свињите се одгледуваат во вардарскиот, 21 процент во источниот регион од земјава, додека помал број на одгледувалишта и единки се евидентирани во другите региони. Околу 95 илјади гоеници се одгледуваат во 27 комерцијални фарми кои имаат над 500 свињи, а 2.315 фарми се со помал капацитет и во нив се одгледуваат под 100 грла свињи. Околу 12 илјади свињи се одгледуваат во 78 одгледувалишта.
Како најголема опасност од појава и ширење на болеста африканска свинска чума, покрај дивите свињи, големите одгледувачи ги посочија селските домаќинства, но и неевидентираните одгледувачи кои имаат по неколку единки, претежно наменети за сопствена употреба.