СДСМ преку бледи прес-конференции се обидува да ги излаже земјоделците, а заборава да каже дека „зелена нафта“ може да користат само половина од земјоделците во Република Македонија, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.

– СДСМ треба да одговори зошто предвидува само 55.000 картички за зелена нафта, а во Македонија регистрирани се над 100.000 македонски земјоделци. Дополнителен проблем во врска со оваа мерка е неправична распределба односно гледано по култури, на некои култури каде процентот на учество на нафтата е помал, а на други култури поголем во вкупните трошоци на производство односно цена на чинење им се дава иста субвенција. Мерката е козметичка и популистичка бидејќи се работи за минимално намалување на трошоците на производство кои се движат од 1 до 3% што преставува чиста симболична вредност и нема да има никаково влијание во конкурентноста на производството и нема да се покријат зголемените трошоци кои земјоделците ги имаат последниве две години. Ако навистина СДСМ се грижеше за земјоделците како што вели, требаше да ја намали акцизата и со тоа би се постигнал вистински ефект кој би ги ставил во рамноправна основа сите граѓани на Република Македонија. А, со оваа мерка СДСМ само уште еднаш докажува е лош менаџер и ќе доведе повеќе штетни отколку корисни влијанија во земјоделскиот сектор, се вели во реакцијата од опозициската партија.