Нов состанок ќе се одржи денеска и утре Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Осумнаесеттиот состанокот ќе се одржи во Скопје, а на дневен ред ќе бидат забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шестто одделение.

Копретседавач од македонска страна во заедничката македонско-бугарската Комисија, Драги Ѓоргиев, кој од вчера стана академик на МАНУ, за МИА изјави дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, според него, ќе дојде до приближување на ставовите.

Во однос на прашањето за Гоце Делчев, кое се дискутира од аспект на заедничкото чествување, Ѓорѓиев за МИА вели дека тоа ќе се отвори на овој состанок, доколу остане време.

Состанокот доаѓа по средбата во Софија на шефови на влади на земјите-членки на НАТО од Југоисточна Европа, на кој присустуваа и премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

На заедничката прес-конференција, Петков кажа дека има добри вести во однос на работата на историската Комисија и извести оти е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите за надминување на разликите.

-Имам добри вести и за Комисијата за историја. Некои работи што беа тешки да се надминат сега изгледаат како да имаат реални можности за надминување. Мислам дека мојот одговор ќе ви ги покаже моите намери да постигнеме резултати што е можно побрзо. Оптимистичен сум за целиот процес, оптимистичен сум дека ќе постигнеме се што зацртавме со Димитар што е можно поскоро, изјави Петков.

Тој тогаш кажа дека историската Комисија го известила за некои важни историски личности и нивниот третман.

– Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин што ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако ќе ми треба прво да добијам јас и моите коалициски партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо, истакна Петков.  

Ковачевски, пак, рече дека историчарите работат независно од политичкиот дијалог и од другите работни групи што работат на други прашања.

– На нашиот состанок тука во Софија, токму во оваа просторија, тие беа тука и кажаа дека ќе ја забрзаат својата работа и штом дојдат до заклучоци врз основа на нивната историска методологија тогаш можат да ја споделат со другите, рече Ковачевски.  

Тој посочи дека се интензивира комуникацијата со Софија, како од институционална перспектива, така и од перспектива на граѓаните.

Претходниот состанок на Комисијата се одржа во Софија и тој беше првиот оваа година, но и првиот по заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија на 25 јануари во Софија, со која и почна имплементирањето на новиот пристап кои го зацртаа Ковачевски и Петков во обидите да се реши спорот меѓу двете земји. Се формираа четири работните групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, кои имаат интензивни состаноци, а петтата група, всушнот е историската Комисија, која продолжи со својата и работа и се обидува да го следи забрзаното темпо на останатите работни групи.

Во соопштрението по последниот состанок во Софија беше наведено дека тој поминал во конструктивна атмосфера.

– Во рамките на заедничката седница на Владите на Бугарија и С. Македонија, што се одржа на 25 јануари, копретседавачите на Комисијата проф. Драги Георгиев и проф. Ангел Димитров постигнаа согласност за организирање три средби до крајот на месец мај, се нагласува во соопштението од последниот состанок, кој се одржа кон крајот на февруари. 

Тогаш членовите на Комисијата, како што се наведува во соопштението, ја потврдија посветеноста за одржување активен дијалог.

Според најавите, во текот на 2022 година би требало да се одржат пет средби на Комисијата. Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски.