Направени се „компромиси“ кои тие што ги побарале од нас никогаш не би ги направиле за себе, па ни во случај на капитулација, вели истакнатиот македонски писател, академик Митко Маџунков, во интервјуто за Скопско ехо.
-Ниту во една комбинација, не сум можел да си замислам дека она што ми е дадено со раѓањето може еден ден да се оспори и да се наметне како политичко прашање за кое ќе решава некоја подземна (светска или домашна) сила. Независно од тогашниот идеолошки контекст, несовпаден со историјата на моето семејство, Македонија ја доживував како слободна, во иста мера во која сега ја доживувам како окупирана, вели Маџунков.
Тој ги посочува најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години:
–Сите грешки направени од страна на државата соодветствуваат со оние ментални особини на народот што тие грешки ги овозможуваат: покорност, послушност, неукост, некомпетентност, грабежливост, прилагодливост, простотилак, итн., зашто откажувањето од самиот себе не може да се протолкува инаку туку како откажување од својата слобода и од својот ум. Впрочем, јаничарите не се турски, туку словенски изум кој промената на „верата“ (или на идентитетот, како што велиме сега) директно ја поврзува со личните интереси и со амбицијата да се биде успешен и признаен од светот. Индивидуалната вина наречена амбиција за материјален просперитет никој никогаш не си ја префрлил, но и таа може да биде причина за забрзаната пропаст. Неспособноста да се сочува својот јазик не се однесува само на неосознаените или само на дијаспората, тоа се однесува на сите нас, и моите деца одвај ако можат да ги разберат моите книги напишани на македонски јазик. На политичко рамниште, направени се „компромиси“ кои тие што ги побарале од нас никогаш не би ги направиле за себе, па ни во случај на капитулација. Сѐ почна со откажувањето од целината на својот народ (односно признавањето на непостојноста на Егејска и Пиринска Македонија) по што следуваше промената на Уставот со што е поништен и самиот народ, за да продолжи неговото разнебитување во етапи кои ни се добро познати (во кои доминираат навидум невините зборови: договор, спогодба, платформа), вели Маџунков.
Целото интервју на академик Маџунков за Скопско ехо може да го прочитате ТУКА.