Никогаш, ни на крајот од паметот, не ми доаѓала помисла дека ќе дојде време Македонците сами да си ги сечат корените, да се откажуваат од своето минато и од својата историја. Квазиполитичари се смешкаат и потпишуваат договори погубни за македонската држава и македонскиот народ. Го смислија терминот „антиквизација“ за да ја прогласат Хераклеја Линкестиска кај Битола, основана од Филип Втори Македонски, за грчко културно наследство. Упорно се обидуваат да го демантираат славниот атински оратор и политичар Демостен (современик на Филип), кој во своите говори, познати во науката под името „Филипики“, вели дека Филип не само што не е Елин (Грк) туку е најобичен варварин – Македонец, пишува академик Ѓорги Поп-Атанасов во својата колумна во „Нова Македонија“.
Споед него, овој негаторски однос кон македонското минато и историја, не завршува со таканаречената „антиквизација“. Сега дојде на ред средновековната македонска историја, па ќе ги празнуваме заедно со Бугарите светите браќа Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и царот Самоил. Се запрашал ли некој од поддржувачите на овој поход против македонското минато и историја зошто треба да ги славиме овие историски личности само со Бугарите, а не и со другите словенски народи. Затоа што, драги мои Македонци, со тоа ние и официјално ќе ги прифатиме бугарските тези дека ние не сме тоа што сме, дека нашиот јазик не е наш, туку нивен, и дека македонското минато не е македонско, туку бугарско.
Целата колумна можете да ја прочитате преку линкот погоре.