Денеска (21.12.2021) по преземени повеќемесечни мерки и активности по насока на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога во содејство со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје спроведена е голема акција со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје.
Во акцијата се лишени од слобода десет лица, и тоа Б.А.(35), М.А.(40), И.А.(45), И.Ф.(47), А.А.(43), сите од Куманово, А.Ж.(53), Т.Т.(54), Д.К.Ш.(43), Џ.Ш.(36), од Скопје и Љ.Љ.(36) од Тетово, меѓу кои тројца полициски службеници и петмина царински службеници. Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело „криумчарење“ од член 278, а тројца од нив дека сториле и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од Кривичниот законик, додека при претрес кај А.А. бил пронајден и одземен кокаин.
Имено, во текот на месец ноември 2021 година четворица од нив, меѓу кои два полициски службеника, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница помеѓу нашата држава и Р.Косово. Притоа, осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката согласно декларираната.
Лицата во текот на денот ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, а во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција по целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Полициската акција е во врска со информацијата за увоз на 1.200 килограми ефедрин, перкурсор за производство на амфетамин, кој на 8.ноември годинава беше внесен во Македонија преку скопскиот карго аеродром, потврди за „Инфомакс“ обвинителката Вилма Русковска.
На 8.11 годинава, при излез од карго терминалот на скопскиот аеродром, едно комбе во кое се превезувале 1.200 килограми ефедрини – перкурсори за производство на амфетамин. По дојава на американската агенција за борба со наркотици ДЕА, припадници на ЕСЗ „Тигар“ го пресретнале комбето, а при претрес ја пронашле и дрогата.
Според информациите на „Инфомакс“, eфедринот во Македонија влегол со карго-авион, а според царинската декларација бил прикриен како електроника – делови за мобилни телефони на име на една позната скопска мобилара.
Царинските службеници, кои се осомнинчени дека биле дел од овој шверц ја пропуштиле пратката без да ја проверат, туку само ги потпишале документите, а пратката ја ставиле на т.н. зелен појас кој означува пратка со високо ниво на доверба без потреба да се проверува.
Согласно товарниот лист и царинската декларација е означена како телефонска галантерија, а краен увозник во Р.Македонија е скопска мобилара.