Струшки адвокати бараат измени во Законот за плати на функционерите со кои минималната плата ќе биде основица за пресметка на функционерските плати.
Адвокатот Глигорие Ќатоски, како што објави Вечер, смета дека политичарите треба да покажат солидарност кон народот, кој изминатиот период се соочи со ковид-криза, а се соочува и со економска криза и со криза предизвикана од воениот конфликт во Украина.
Ќатоски поднесе иницијатива до парламентарните партии за измена на членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со која основицата за пресметка на платата на функционерите ќе се утврди како минималната исплатена месечна плата по вработен за претходната година.
Тој вели дека оваа измена е неопходна затоа што финансискиот надоместок на функционерите не треба да биде основен стимул за да се биде на висока државна функција, туку одговорноста да се придонесе за општото добро и јавниот интерес.
Уставниот суд минатиот месец укина два члена од Законот за плата и надоместоци на избрани и именувани лица, со што овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто.