АКЦИЈА НА МВР: Уапсени 26 лица при претреси во 29 општини низ Македонија и Скопје за спречување на шверц со дрога и оружје

/ 11.02.2023

На 09 и 10.02.2023, од страна на Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога на територијата на државата беа спроведени координирани зајакнати активности за откривање на сторители на кривични дела во врска со недозволена трговија со дрога и оружје, при што лишени од слобода се 26 лица.

Во акцијата координирана од Одделот за криминалистичка полиција, а реализирана во содејство со Секторите за внатрешни работи извршени се претреси на дом и други простории, и тоа кај три лица на подрачјето на СВР Скопје, кај пет лица – СВР Куманово, кај осум лица во СВР Охрид, кај 10 лица – СВР Битола, кај пет лица во СВР Струмица, шест лица во СВР Велес, шест лица во СВР Тетово и кај 10 лица на подрачјето на СВР Штип.

Во активностите се опфатени 53 лица за кои постоеле сознанија дека се инволвирани во шверц со дрога и оружје, а претресите се извршени во 46 куќи и помошни простории, седум станови, пет патнички моторни возила и два деловни објекта во 29 општини и градот Скопје, како што соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.
За време на претресите беше пронајдена импровизирана мала лабораторија за производство на марихуана во Белчиште, охридско, ќеса со семки од канабис и тегла со марихуана. Покрај ова, за време на активностите се пронајдени и одземени се: марихуана, хероин, 78 семки од растение, 19 пакувања со прашкаста материја, 18 паковки со грутчеста материја, 150 грама амфетамин, таблетки, шприцеви со течна материја, повеќе дробилки, ваги и млин, четири ловни пушки, три ловни карабини и една воздушна пушка, еден пиштол, гасен пиштол и шест куршуми, 12 патрони, 46 куршуми и 92 куршуми маневарска муниција, седум рамки за автоматска пушка и поголем износ на пари во различни валути и апоени, од кои само при претрес во Кавадарци се пронајдени 178 илјади денари кои потекнуваат од продажба на дрога.

По итна постапка поднесена е кривична пријава против еден сторител за сторено кривично дело по член 215, а од страна на судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, против еден сторител во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка по член 215, а по редовна постапка ќе бидат поднесени 17 кривични пријави против 17 сторители по член 215 за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, шест кривични пријави против шест сторители по член 396 за „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, против шест лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, како и два поднесоци по Закон за оружје, информираат од МВР.


Од истата категорија