Романската полиција уапси седуммина осомничени кои се качиле на камион во движење и од него украле лаптопи и електронска опрема во вредност од 50.000 евра.
Портпаролот на полицијата, Драгош Циприан Романеску изјави дека кражбата била извршена доцна синоќа на главниот автопат во источна Романија.
Тој посочи дека осомничените се наоѓале во три автомобили, од кои едниот се движел пред товарниот камион, а останатите два по него.
Според него, најмалку еден од крадците се качил на покривот на автомобилот и оттаму влегол во камионот и ја крадел опремата.
– Тоа било како на филм. Си ги ризикувале животите, рече полицискиот портпарол.
Тој прецизира дека лицата, кои се на возраст од 27 до 44 години, биле под полициски надзор и претходно се осомничени за кражби.