Мерките на полето на културата се на прав пат, изјави денеска ексминистерот за култура и актуелен претседател на Комисијата за култура на СДСМ, Роберт Алаѓозовски.

– СДСМ продолжува да креира и имплементира развојни мерки и политики кои го подобруваат секојдневниот живот на граѓаните. Владата предводена од СДСМ овозможи значајна и континуирана поддршка на граѓанскиот и независниот културен сектор. Се воведе буџетска ставка за програмска поддршка на проекти што се комбинација на повеќе уметнички и академски дисциплини во износ од 28 милиони денари годишно. Како нова, програмата е поделена на 4 категории и тоа: Интердисциплинарни проекти, Мултидисциплинарни, Трансдисциплинарни и Нови модели на јавни простори во културата. Вкупно се реализираа 176 проекти од кои 71 во 2018 и 105 во 2019 година,  во Скопје, Штип, Битола и Гевгелија. Засиленото присуство на независниот културен сектор на македонската културна сцена доведе до низа проекти и иницијативи кои значат нови продукции, експериментаторски практики и модели на дејствување и воведување добри практики на одржлив раст и работење, вели Алаѓозовски.

Поддржавме, додава тој, многу програми и проекти што ги унапредуваат европските перспективи во македонската култура.

– Ја зголемивме европската мобилност на македонските уметници, културни експерти и менаџери во културата и нивно присуство на европската културна сцена. Имаме интензивирана меѓународна и регионална соработка, вмрежување и копродукции, засилена афирмација и признание на македонската култура на европски и светски план. Владата предводена од СДСМ останува посветена секојдневно да работи исклучливо во интерес на државата и граѓаните, вели ексминистерот Алаѓозовски во чие министерување се случија повеќе афери во културата.