Тезата дека со Договорот од Преспа сме го продале најсветото е дрска, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Треба да изнајдеме начини надворешната политика да не се доведе до ниво на внатрепартиски препукувања. Изгубивме генерации околу ЕУ и НАТО, па затоа во Договорот од Преспа се обидовме да вметнеме механизми врзани со нашето членство во НАТО и со отворање на пристапниот процес со ЕУ. Тоа значи дека промената на документите за внатрешна употреба директно ќе зависи од отворањето на поглавјата, рече Димитров на денешната расправа на Комисијата за надворешни работи.

Тој прво накратко потсети за досегашниот евроинтеграциски процес на Македонија, потсетувајќи дека 14 години сме земја кандидат за членство со 10 препораки за почеток на преговори, нарекувајќи ја нашата кандидатура за членство посебен случај.

Димитров нагласи оти тезата дека Договорот од Преспа го продал најсветото е дрска и оти „се заштитени македонските национални интереси“.