Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, денеска прими ученици од осум средни училишта од разни градови во Македонија.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата со учениците, Пендаровски ја истакнал потребата секој од нас да посвети повеќе внимание во одржувањето на здравата животна средина, бидејќи правото на живеење во здрава животна средина е право на секој од нас. Претседателот истакнал дека токму овој период од годината е круцијален за одржувањето на животната средина, бидејќи аерозагадувањето е многу повисоко и веќе ја надминува границата на дозволената јаглеродна емисија.

 –Затоа очекувам здружени акции на релевантните институции, но и подадена рака од нашите граѓани кои освен што ќе преземат конкретни еколошки акции, ќе бидат и во улога на еколошка патрола или еколошки патроли и набљудувачи на загадувачите. Сите ние преку самокритичност и навремена и брза реакција треба да бидеме упорни во нашата заложба да имаме почиста и поздрава животна средина, истакнал претседателот Пендаровски на средбата со учениците.