Делови од Мкедонија денес влегуваат во нестабилен хидролошки период, откако Управата за хидрометеоролошки работи издаде предупредување за можни излевања и локални поплави на 26 и 27 ноември.

Нови, поинтензивни врнежи од дожд се очекуваат на целата територија, а земјата веќе е заситена со влага, што значи дека секој дополнителен литар дожд може многу побрзо да го крене водостојот.

Според хидроалармот, речиси цела Македонија влегува во зона со потенцијално опасни услови, при што централниот и источниот дел се најизложени на ризик. Иако Скопје е означено како стабилно, неговата околина, Куманово, Крива Паланка, Кочани, Штип, Берово и Делчево, се во зелена предупредувачка зона, што значи дека состојбата може нагло да се влоши доколку врнежите станат обилни.

Западниот и југозападниот дел, вклучително и Битола, Прилеп, Ресен, Охрид и Струга, се во категорија со мала опасност. Но УХМР предупредува дека ниските делови покрај Вардар, Брегалница, Пчиња, Струмица и Радика треба внимателно да следат како се движи водостојот, бидејќи токму тие реки најбрзо реагираат на нагли врнежи.

„Речните сливови веќе покажуваат тенденција на зголемување: Вардар, Треска, Радика, Сатеска, Коселска, Пчиња, Струмица, па дури и водотеците што пристигнуваат од Шар Планина. Иако последните три дена имаше пауза од дожд, високата заситеност на земјиштето ќе овозможи побрза и понагласена реакција на сите речни текови“, информираат од Управата.

УХМР предупредува дека во услови на обилен дожд може да се појават локални излевања, активирање на помали реки и суводолници, па дури и заезерување на водата поради високи подземни води. Граѓаните се повикуваат на зголемено внимание, особено оние кои живеат покрај реки, ниви и ниски зони каде што водата најчесто надоаѓа прва.