Вработените во „Печатница Напредок принт“ и „Напредок 1“ кои преку „Просветно дело“ се ангажирани за издавање на дел од учебниците за средно образование за државните институции и кои подолг временски период го печатат „Службен весник“, веќе два месеца немаат добиено плата од работодавачот (управителот), со што се загрозува навременото печатење на учебниците, како и на „Службениот весник“, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Според ССМ, со ова, освен што се нанесува штета кон вработените со неисплаќањето на платите, ќе се нанесе штета и на образовниот процес, како и на редовната објава на сите службени акти во Службениот весник.
-Работниците веќе со години немаат навремено здравствено осигурување, а 80 отсто од нив се над 50 години старост и лекувањата ги плаќаат на приватно. Управителот на Печатниците, иако наплаќа државни пари, пари од граѓаните и од даноците, не исплаќа редовно плата ниту пак здравствено осигурување кон вработените, а што во изминатиот период по пријави на ССМ е констатирано брзо и ефикасно и од страна на Државниот инспекторат за труд, наведува ССМ.
Сојузот бара државните институции веднаш да преземат мерки за да не се доведе во прашање печатењето на учебниците и на Службениот весник.
-Работниците се подготвени да ги преземат сите чекори и преку протест и евентуален штрајк да го остварат ова егзистенцијално работничко право на плата и со тоа да си овозможат подостоинствен живот за себе и за своите семејства, а ние, заедно со Синдикатот ССДМ при ССМ ќе застанеме со работниците и ќе им ја дадеме целосната поддршка во борбата за остварување на нивните права од работен однос, велат од ССМ.