Само минатиот месец во Хрватска се уништени околу 4 тони различни видови дрога, а за одбележување е тоа што марихуаната денес во споредба со пред десетина години е многу поопасна.

Како што пренесува Дневник.хр оваа година ќе биде рекордна за хрватската полиција во заплената на дроги. Само во последниот месец, во 13 големи акции хрватската полиција заплени повеќе од еден тон марихуана. Откриени се од сите видови дроги, но убедливо најмногу е марихуаната, која во последните години станува се поопасна дрога.

– Марихуаната од пред 10 години беше „марица“, лесна, со мал процент на ТХЦ. Денешната марихуана има повеќе од 16 до 21 процент, особено марихуаната што потекнува од Албанија. Значи тоа е марихуана која влегува во редот на халуциногени дроги, предупредува Дражен Растовиќ, водител на Службата за нарко криминалитет.

Светското производство е во пораст, а транспортот дел по копно, дел по морски пат, често водат низ Хрватска.

– Податоците од ОН говорат дека има рекордно производство на опиум, односно хероин во Авганистан, исто така има зголемување на производството на кокаин во три латиноамерикански земји. А Европа и САД се најголеми пазари, вели Жељко Петковиќ, управник на Уредот за сузбивање на злоупотреби на дрога.

Поголемата количина од запленетите дроги се наменети за други земји, но еден дел останува и во Хрватска, каде најмногу се конзумира марихуана.