Алармантна е ситуацијата во прилепското судство поради недостиг од судии. Работат шест судии, а наскоро ќе останат четворица судии. Иако има делегиран судија од Ресен, никој не може да стигне да ги решава сите случаи и една третина, главно кривични, се пред застарување.
Според Жарко Стеваноски, претседател на Адвокатската заедница од Прилеп во крајно неповолна и неправедна состојба се и судиите и граѓаните.
-Ситуацијата е алармантна. Од една страна Судскиот совет е принуден да постапува според критериумите на Европската комисија, а од друга страна судовите се соочуваат со обемен број предмети и недостиг од кадар. Најалармантна е ситуацијата во прилепскиот основен суд. Судските предмети, според годишните извештаи, се во просек од 20 000 до 22 000. Во нив се и наследени предмети од претходните години, од 3 000 до 5 000 предмети. Со овој кадар во судот во незавидна ситуација се судиите, бидејќи се во нерамноправна положба при годишното оценување, зашто судат и кривични и граѓански предмети, а најголема штета трпат граѓаните. Со години судот функционираше со 15 судии, со ист број предмети, а сега се шест судии. Уште двајца ќе заминат во пензија, а еден судија е делегиран од Ресен. Трпат и судиите, дискриминирани се, а и граѓаните. Во ваква ситуација сметам дека барем една третина од наследените кривични предмети се пред застарување, објаснува Стеваноски.
Граѓанските спорови се, главно, на вечните имотно-правни односи, оставинските постапки, а се зголемува бројот на разводите. Како новина се фиктивните разводи за заминување во странство, вели адвокатот Живко Јакимоски.
-Во последно време во пораст се бракоразводните парници. Дел од нив се објективни и еден процент се бракови кои се фиктивни за добивање статус на лице кое би заминало во странство за таму да добие престој и да се ожени со државјанка од западните земји. За пофалба се напорите на останатите судии кои се обидуваат да го покријат целото подрачје, вели Јакимоски.
Водењето судска постапка, за граѓаните, е релативно скапо. Имајќи ја предвид економската состојба, граѓаните тешко се решаваат да поведат судска постапка.