Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски информира дека денеска има 40 новозаразени со коронавирус од Куманово, меѓу кои е и самиот тој.
– Почитувани сограѓани, драги пријатели, сега ги добив најновите резултати за новите позитивни лица во Куманово, вкупно четириесет мои драги сограѓани помеѓу кои сум и јас. Ве охрабрувам заедно и дисциплинирано да продолжиме во борбата против оваа заедничко зло, знам дека ќе го победиме, убеден сум во тоа, ве молам за воздржаност, нема простор за паника, барам од вас дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца, порача градоначалникот Димитриевски.
Според вчерашната статистика во Куманово имаше 262 заразени со коронавирус. Кога на таа бројка ќе се додаде и денешната се надминува бројката од 300 заразени и Куманово по бројот на заразени може да го замине и Скопје.
Во текот на вчерашниот ден, техничкиот премиер Оливер Спасовски и неколку министри беа на средба со Димитриевски.
Со градоначалникот кој има коронавирус на иста маса, освен Спасовски седеа вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми.
По позитивните резултати на Димитриевски сега се очекува да бидат одредени мерки за самоизолација на оние кои биле во контакт со него, според воспоставената пракса и протоколите за спречување на ширењето на вирусот.