Во период од 2013 до 2017 година околу 157.000 државјани на Албанија побарале азил во некоја од земјите членки на Европската унија.
Најголем број баратели на азил од Албанија се евидентирани во 2015 година и тоа 69.000, за веќе следната година тој број да се намали на 33.000.
– Со 26.060 барања за азил во 2017 година, Албанија се наоѓа на седмото место според бројот на баратели на азил во земјите на Европската унија, по државите чии граѓани бегаат од војна – Сирија, Ирак, Авганистан, Пакистан и Еритреја. Најпосакувана земја за албанските азиланти лани била Франција, наведува весникот „Монитор“, повикувајќи се на годишниот извештај на ЕУ за состојбата со азилантите.
Во документот е наведено дека 10 отсто од апликантите се откажале од барањето за азил, додека бројот на оние кои добиле позитивен одговор е мал.
– Држави со многу побројна популација од Албанија, како Русија и Турција имале околу 16 до 17 илјади барања за азил. Србија 8.305, Косово околу 7.600 и Македонија околу 6.900, наведува „Монитор“, напоменувајќи дека освен како азиланти, илјадници абански граѓани легално заминале во некоја од западноевропските земји, каде веќе работат.
Албанија е една од земјите со највисока стапка на апликации во програмата на Лотаријата на САД за иселенички визи. Во последните три години за американска зелена карта аплицирале околу милион албански граѓани. Рекорден број е забележан на овогодишната лотарија, на која пристигнале дури 367.231 апликации на албански државјани.