Европската комисија ја советува албанската Влада да ја продолжи политиката за намалување на јавниот долг и неповолните кредити, искористувајќи ја позитивната динамика во економијата.
Во последната проценка за економиите на земјите кандидати, ЕК констатира дека економскиот раст во Албанија дополнително се забрзува во првата половина од оваа година, поддржан од странски инвестиции и зголемена домашна потрошувачка.
Во првиот квартал од 2018 година албанската економија забележа раст од 4,4 отсто, што е највисок пораст во еден квартал во последните три и пол години.
Според ЕК, сите компоненти на домашната побарувачка придонеле позитивно за економскиот раст, но најголем ефект има проширувањето на приватната потрошувачка и деловните инвестиции.
Приватната потрошувачка одржувала солиден раст од три отсто, поддржана од зголемувањето на вработеноста и на платите, посебно во јавниот сектор.
– Закрепнувањето на економијата е проследено со раст на вработеноста, особено во приватниот неземјоделски сектор, каде што бројот на вработени се зголемил за 12,2 отсто во споредба со претходната година. Но, ова подобрување на економската ситуација, Владата треба да го искористи за побрзо намалување на јавен долг и неповолоните кредити, два проблематични показатели за Албанија, констатира ЕК.
Комисијата посочува дека Албанија треба да продолжи со фискалната консолидација. Иако јавниот долг се намали на 69 отсто од бруто домашниот производ ( над 8 милијарди евра) и понатаму е на многу високо ниво.
За 2018 година ЕК предвидува раст на албанската економија за 3,6 отсто додека за следната 3,9 отсто.