Албанскиот претседател, Илир Мета, го поздрави почетокот со работа на трансјадранскиот гасовод, ТАП, оценувајќи го овој проект за најважна странска инвестиција во неговата земја.
Гасоводот ТАП, што ги испорача првите барели гас во Италија, според Мета, значително ја зголемува независноста на Европа од рускиот гас.
-Го поздравувам почетокот на снабдувањето со природен гас за Западна Европа преку гасоводот ТАП. Овој проект е најважната стратешка странска инвестиција во Албанија, плод на успешна и стратешка соработка меѓу Албанија, европските партнери и САД со Владата на Азербејџан. Покрај огромното влијание на оваа голема инвестиција врз економскиот и социјалниот развој на земјата, особено во областите каде што минува гасоводот, овој проект значително ја зголемува независноста на Европа од рускиот гас, напиша Мета во објава на Фејсбук.
Додава дека проектот ТАП ја вклучил Албанија во мапата на европската стратешка енергетска инфраструктура „особено значајна во овој предизвикувачки период за европската и евроатлантската безбедносна архитектура“.