Министерството за надворешни работи на Албанија ги отфрли тврдењата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека албански платеници се наоѓаат во Украина, јави агенцијата Балкан веб.
Преку објава на „Твитер“ од Министерството наведуваат дека во знак на протест го повикале амбасадорот на Руската Федерација, од кого било побарано да ја демантира информацијата.
– Министерството за надворешни работи категорично ги отфрла тврдењата објавени на руската новинска агенција ТАСС и сомневањата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за присуство на „албански платеници“ во Украина. Амбасадорот на Руската Федерација беше повикан во знак на протест и од него е побарано да се демантира веста, се наведува во објавата.
Лавров, како што пренесуваат албанските медиуми, изјавил дека „располагаат со сигурни информации дека платеници од Косово, Албанија и БиХ се регрутираат и се испраќаат во областа Донбас“.
Деновите, како што самиот потврди за Топ чанел, Емануел Базањи, поранешен припадник на албанската армија, по неколку години минати во пешадискиот баталјон, ја напуштил албанската армија и веќе две години е дел од војската на Украина, што била „целосно приватна и индивидуална одлука“.
Веднаш по интервјуто на Топ чанел, обвинителството во Елбасан, од каде е Базањи, започнало кривична постапка против него, врз основа на законот од 2014 година за учесници во воените дејствија во странска земја. Доколку биде прогласен за виновен за ова кривично дело му се заканува казна затвор во траење од 10 до 15 години.