Грција од денеска постепено ги олабавува мерките од кои поголемиот дел беа воведени пред Нова година, па така, дозволено е стоење во кафулињата и клубовите, во приватниот и јавниот сектор се намалува бројот на вработени кои работат од дома, спортските натпревари ќе се одржуваат со публика до 50 отсто од капацитетот, а дозволено е организирање училишни екскурзии, јави дописничката на МИА од Атина.

Според министерската одлука објавена во Службен весник, маската и понатаму е задолжителна и во затворените простори и на отворено, исклучок се децата до четиригодишна возраст, а нема промени и во однос на документот за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација, потврда за прележана болест или негативен ПЦР тест, задолжителен речиси секаде во Грција.

Сертификатите за вакцинација, иако за влез во Грција се валидни девет месеци по примената втора доза, во внатрешноста на земјата важност е седум месеци и без никакви ограничувања за оние кои имаат и засилувачка доза.

Слично е и со потврдата за прележан Ковид-19, за влез валиден е 180 дена, но онаму каде што е задолжителен во земјата, не смее да биде над 90 дена по првиот позитивен тест.

Документот поврзан со Ковид-19, речиси секаде во Грција, при влез во објектите, се скенира со специјална апликација, потребен е и документ за лична идентификација, а исклучок се супермаркетите, аптеките, продавниците за храна, бензинските пумпи.

Во одредени објекти, како што се затворените простори на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови, музеите и археолошките локалитети, театрите, кината, влезот е дозволен само со валиден сертификат за вакцинација или прележана болест и не постои опцијата за влез со негативен тест.

Од денеска се укинува забраната за стоење и танцување во кафулињата и клубовите, 20 отсто од вработените во приватниот и јавниот сектор ќе работат од дома, наместо 50 проценти како што беше досега, а се зголемува бројот на дозволен број гледачи на спортските натпревари, кои ќе работат со 50 отсто од капацитетот, наместо десет како што беше досега.

По пауза од две години дозволено е организирање еднодневни екскурзии, едукативни посети, прошетки, а од први март ќе може да се реализираат училишни патувања или посети, што вклучуваат и ноќевања, но под конкретни протоколи и со задолжителен тест пред поаѓањето за сите, и за наставниците и за учениците, без разлика дали се вакцинирани или не.

Министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, говорејќи за олабавувањето на мерките, во четвртокот рече дека логиката на земјите членки на Европската Унија е до средината или крајот на март да се укинат рестриктивните мерки.

Бројот на новозаразени во Грција, во изминатата седмица е во просек од околу 20.000 дневно, со 5,6 отсто позитивни од направени тестови, додека пак во просек од Ковид-19, секојдневно има по 80 починати.

Од почетокот на пандемијата во Грција се регистрирани вкупно 2.274.025 случаи на Ковид-19 и 25.183 починати лица.