Албанската опозиција ќе ја бојкотира денешната седница на Парламентот, која е прва по летните одмори. Дел од раководството и пратениците отпатуваа за северниот град Скадар, каде во последните три месеци забележан е рапиден раст на криминалните дела, меѓу кои и шест, како што ги нарекуваат, „мафијашки убиства“.
Одлука за ова е донесена на средбата што лидерот на демократите Љуљзим Баша, попладнево ја организираше со партиските сојузници.
– Парламентарната опозиција, парламентарната сесија ја почнува со вонредна седница во Скадар. Седницата е јасна порака против криминалот и поддршката што ја има од страна на Владата. Во последните три месеци се случија шест мафијашки убиства а две лица се водат за исчезнати, а ниту еден случај не е расветлен, бидејќи криминалците се поврзани со Еди Рама. Ослободувањето на владеењето од криминалот останува апсолутен приоритет на опозицијата во новата парламентарна сесија, се стои во соопштението од средбата на обединетата опозиција.
Баша побарал од опозициските пратеници фокусот на активностите да биде насочен кон „демонтирање на криминалните врски со Владата“.
Претходно и втората по големина опозициска партија, Движењето за социјалстичка интеграција, на Моника Круемади, го објави мотото за новата парламентарна сесија „Нула толеранција за државниот грабеж и криминал“.
Седницата на Парламентот е закажана за 17 часот и на неа ќе присуствуваат само пратениците од владејачкото мнозинство.