И вториот албански старешина што на 6 мај при демонтирање на мини во Летонија беше тешко повреден почина доцна синоќа, изјави албанската министерка за одбрана, Олта Џачка.
Тоа е мајор Клодиан Никола Тануши, командант на албанскиот контингент, што е дел од групата за демонтирање на мини во Летонија, во рамки на мисијата на НАТО во оваа земја.
– Втора болна вест доаѓа од Летонија. Командантот на албанскиот контингент во мисијата на НАТО мајор Клодиан Тануши, пред неколку минути ја загуби последната битка во животот. Со срце и душа сме блиску со семејството, сопругата и трите деца, во овој ден на жалост. Ќе им недостига ним, но ќе ни недостига и на сите нам кои имавме среќа да го запознаеме. Ќе останеш засекогаш во нашето срце, Клоди, наш пријателе! напиша Џачка.
Тануши е роден во Пешкопеја на 31 октомври 1980 година, оженет и татко на три малолетни деца.
Во мисијата на НАТО во Летонија, Тануши заминал на 20 декември минатата година од каде требало да се врати следниот месец.
Во експлозијата животот го загуби каплар,Зарифе Мухарем Хасанај (27), која Владата ја прогласи „Херој на татковината“ а со сите почести беше погребана вчера на гробиштата „Народни херои“ во Тирана. Со одлука на владата вчерашниот ден беше прогласен за ден на национална жалост.
Повреден беше и нареднкот Јулиан Џеват Капај, кој е вон животна опасност.
Во мисијата на НАТО во Летонија албанските војници се две години.