Кошаркарот на ЦСКА Москва, Алексеј Швед, објави дека повеќе нема да настапува за руската репрезентација. За својата одлука, 32-годишниот играч, веќе ги информирал претседателот на Руската кошаркарска федерација Андреј Кириленко и селекторот на репрезентацијата Сергеј Базаревич.

– Дали ќе ме видите во дресот на руската репрезентација? Исклучувам таква опција. Ги информирав Кириленко и Базаревич дека завршив со настапите во националниот тим. Од 16 години играв за младинскиот тим, потоа за првиот тим. Доста е. Речиси сите поранешни мои соиграчи завршија, а сега дојде моето време, истакна Швед.

Во исто време, тој потенцира дека неговата одлука не е поврзана со тренерскиот штаб и раководството на руската репрезентација.

Швед на 12 август склучи договор со ЦСКА Москава на една плус една година. Претходниот тим на Русинот беше Химки.

Тој е четирикратен руски шампион и освојувач на Евролигата со ЦСКА, како и бронзен медалист на Европското првенство 2011 година и Олимпијадата 2012 со националниот тим.