Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во синоќешното гостување во емисијата “Патот кон“ на Алсат-М телевизија повторно изјави дека албанската дијаспора активно ќе се организира за да учествува на најавениот референдумот за промена на името, за да ја запечати евро-атланската иднина на земјата.
Новинарката го праша Ахмети дали смета дека со ваквите изјави може да ги испровоцира македонските радикални сили, кои остро се спротивставуваат на референдумот, но и на менувањето на името. Тој се правда дека не бил правилно протолкуван.
– Не реков дека ќе одлуваат Албанците, туку реков дека дијаспората е одговорна и свесна за да учествува, и ќе се организира активно да биде учесник на референдумот за да ја запечати евро-атланската иднина на нивната земја, и држава, рече Ахмети.
На прашањето дали е убеден дека на референдумот може да учествува целата албанска дијаспора, и дали очекува масовност од Албанците во дијаспората, Ахмети вели дека 90 отсто од Албанците, барем во последните 16 години од него побарале членство на Македонија во НАТО и Европската унија.
– Мислам дека Албанците го поздравија овој важен момент за нивната држава, за нивната земја. Колку што знам јас за овие 16 години на секоја анкета, на секоја средба, на секој митинг, над 90 отсто биле тие кои побарале членство на земјата во НАТО и ЕУ. И несомнено дека Албанците масовно ќе одговорат на референдумот, за да се зачлени нашата земја во ЕУ и НАТО, истакна Ахмети.
Водителката упорно се обидуваше од него да добие конкретни одговори, па повторно го праша: „Убедени сте дека Албанците ќе одговорат на референдумот. Но, колку ќе дојдат тие кои се во странство за да учествуваат на референдумот кога се знае дека бројот на оние кои ја напуштиле земјата и живеат во ЕУ и други земји на светот е многу голем, како ќе ги убедите нив да се вратат и да гласаат на референдумот?
– Мислам дека и политичките партии ќе работат, ќе ги мотивираат, ќе ги охрабрат, ќе ги организираат Албанците да се дел од овој важен процес, одговори претседателот на ДУИ.