Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе поднесат над 3.000 амандмани на антикризните закони со кои треба да се даде зелено светло за државната помош за бизнисот погодени од пандемијата.

Координаторот на пратеничката група на партиите на Села и на Гаши, Скендер Реџепи пред почетокот на седницата на Комисијата за финансирање и буџет најавена за 18.30 часот, изјави дека пратениците веќе ги потпишуваат амандманите.

Седницата на матичната собраниска комисија е закажана откако претходно владејаќкото мнозинство и ВМРО-ДПМНЕ ги усвоија во прво читање трите закони поврзани со антикризните мерки – Предлог на закон за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за месеците февруари и март 2021 година, по скратена постапка, Предлог на закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, заради исплата на платите за февруари и март 2021 година и Предлог на закон за изменување на Законот за данокот на личен доход.

За одлуката за продолжување на кризната состојба поднесени се преку 400 амандмани.

Откако ќе поминат во комисијата, тие е се вратат на конечно одобрување на пленарна седница.

Доколку се постигне некаков договор, тогаш би можело вечерва по завршување на седницата за пратенички прашања да бидат донесени овие закони, но имајќи ги предвид илјадниците амандмани, ова е тешко остварливо.

Во Собранието во тек е седница со пратенички прашања.