Алијанса за Албанците, коалициониот партнер на Алтернатива, вечерва објави соопштение за јавноста во кое тврди дека партијата на Африм Гаши најмалку три пати по ред го прекршува договор за коалициона соработка која требала да важи до наредните парламентарни избори, со како што велат, јавните средби со премиерот во оставка Зоран Заев со кого водат преговори за влез во владата.
“Минимумот на коректност што го очекуваме од вас е да одговорите дали е валиден или не, договорот потпишан меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива? Ако не, тогаш не ни останува ништо друго освен да ви посакаме успех во вашиот пат, кој за нас е погрешен и во целосна спротивност со волјата што ја изразија граѓаните кои гласаа за коалицијата” – соопшти партијата на Зијадин Села.
Изразувајќи разочарување што го предизвикала Алтернатива кај опозициските гласачи, од Алијанса порачуваат дека тие им остануваат верни во своето понатамошно политичко дејствување, држејќи ги вратите отворени за сите оние за кои е свет дадениот збор пред граѓаните.
“Ја информираме јавноста дека Алијанса за Албанците во иднина добро ќе размисли со кого ќе потпише коалициски договор” – заклучува во својата реакција партијата Алијанса за Албанците.