Германското Министерство за надворешни работи ги повика германските граѓани на Блискиот Исток да преземат мерки на претпазливост со оглед на потенцијалниот ризик од американски напад врз Иран, кој би можел да има последици и за Израел и за другите земји во регионот, пренесе ДПА.

На Германците во Израел им се препорачува да се подготват за неодреден престој на местото каде што се наоѓаат, во случај воздушниот простор да биде затворен поради ирански напади, соопшти германската амбасада во Тел Авив.

Доколку САД го нападнат Иран, се очекува Техеран да нападне цели во Израел, наведува ДПА.

На германските граѓани во Израел им се советува да инсталираат апликација на своите мобилни телефони која предупредува за претстојни ракетни напади, да направат резерви на храна и намирници со оглед на „ескалирачката безбедносна ситуација во регионот“, да се запознаат со можностите за заштита и локации на засолништа.

Министерството за надворешни работи во Берлин предупреди и на влошување на безбедносната состојба во Либан, соседната земја на Израел. Во случај на дополнителна ескалација, во секој момент може да бидат воведени ограничувања на летовите, нагласи германската амбасада во Бејрут.

Либанската група „Хезболах“ се смета за најважен сојузник на Иран во регионот. Уште во 2024 година, шиитската група влезе во отворена војна со Израел. Оттогаш се смета дека таа е значително ослабена, но постојат стравувања дека групата би можела да се вклучи во конфликтот во случај на напад врз Иран.