Американската амбасада во Тирана упати предупредување до своите граѓани да бидат внимателни на 6 декември, кога во албанскиот главен град се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан, а опозицијата најави протест.
Во објавата на веб-страницата на Амбасадата се наведува дека поради преземените мерки за поддршка на самитот ЕУ-Западен Балкан, во Тирана во вторник, се очекува затворање на патиштата и пренасочување на сообраќајот во текот на целиот ден во центарот на главниот град и на обиколниците.
Амбасадата, се додава, е запозната дека може да има протести во центарот на Тирана, кои имаат потенцијал да се прелеат на околните улици предизвикувајќи сообраќаен метеж, пренасочување и дополнително затворање на патиштата.
– На граѓаните на САД им се препорачува да избегнуваат големи собири. Иако многу масовни настани се одвиваат мирно, некои ситуации можат брзо и непредвидливо да се променат. Следете ги локалните медиуми и упатствата на локалните органи за спроведување на законот за најновите информации, се наведува во соопштението на американската дипломатска мисија во Тирана.
Во албанската метропола на 6 декември, кога се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан, опозицијата предводена од Сали Бериша и Илир Мета најавија масовен антивладин протест пред Владата на плоштадот „Народни херои“.
Полицијата не даде дозвола за протест на плоштадот „Народни херои“ туку на плоштадот „Скендербег“, на што опозицијата до сега нема одговор. Претходно категорично тврдеше дека протест ќе има единствено пред Владата.