„И покрај фактот што вистината за настаните во Македонија во Америка полека си го пробивала патот и го добивала своето место, сепак американската  политика, по смртта на Рузвелт, влегла во сферата на танаречена реална политика, застанувајќи  во одбрана на интересите на  западната демократија во Грција и во Турција. Со тоа двете големи сили, Велика Британија и САД, всушност застанаа зад прокламираната федерална Македонија како единствена „дозволена“ солуција за решавање на македонското национално прашање“, подвлекува проф. д-р Тодор Чепреганов, истражувајќи ја политиката на САД и Велика Британија спрема Македонија во текот на Втората светска војна и потоа.

Пишува: Блаже Миневски

По германската окупацијата на Кралството Југославија на страниците на американскиот печат се појавиле написи во кои јавноста се запознавала со етнографските и географските карактеристики на Кралството. Во весникот „Њу рипаблик“ од 21 април 1941 година се појавил коментар во кој биле изнесени основните карактеристики на народите штро живеат во Југославија. Покрај основните белези на Србите, Хрватите и Словенците, биле дадени и основните  карактеристики на Македонците како посебен народ.

Во коментарорт се потенцира дека Македонците „формираат  малцинство од околу 750.000 луѓе, зборуваат словенски дијалект, којшто е нешто меѓу српскиот и бугарскиот, и живеат во делот на Југославија каде што се водеа жестоки борби во сегашниот блиц-криг. Тие настојуваат да добијат автономија од Србија и многу години и беа нeпријатели на новата југословенска држава“.

Сепак, Американците за разлика од Британците немале свои разузнавачи во Македонија, а биле свесни дека Британците не се искрени во своите информации за она што се случува на територијата на Кралството Југославија и, пошироко, на Балканот.

Американците првиот свој разузнавач за Македонија го спуштиле во Врање!

Затоа во март 1943 година Стејт департменот одлучил да се формира мисија во разузнавачката служба во Каиро од каде биле испратени офицери за врска во штабовите на Тито и Дража Михаиловиќ. Пред да бидат испратени ваквите офицери, Американците немале свои разузнавачи ниту во Врховниот штаб на партизаните, ниту Главниот штаб на четниците, а тоа значи дека целосно зависеле од информациите што ги добивале преку британските разузнавачи.

Од друга страна, во текот на војната, се до средината на 1944 година, Стејт департментот не покажувал голем интерес за настаните што се случувале на територијата на Македонија. За тоа практично и немало поволни околности, бидејќи следењето на настаните на Балканот САД веќе и ги имале препуштено на Велика Британија.

Единствени информации за настаните во Македонија за јавноста во Америка биле повремените написи на американскиот печат. Така, на пример, „Њујорк тајмс“ на 9 мај 1942 година известува за извршениот атентат над Александар Ќурчиев, областен началник на бугарската државна безбедност во Битола. Атентатот бил извршен од страна на Стив Наумов. На 13 мај, значи четири дена подоцна, истиот весник известува за одржаниот судски процес во Скопје на кој им се судело на 45 припадници на Скопскиот партизански одред. Според информацијата во „Њујорк тајмс“, во овој процес 18 лица биле осудени на смрт со бесење, а другите на временски казни.

На 24 јули 1942 година истиот влијателен и тиражен американски весник ја пренел и инфорамцијата за судскиот процес против група комунистички активисти, одржан претходните денови во Битола, кога на смрт биле осудени 11 лица. Се разбира и „Њујорк тајмс“ можел да „згреши“, па 14 септември 1942 година објавува непроверена вест преземена од Шведското телеграфско биро во Софија дека во Македонија „избила крвава побуна“ во која Македонците ги  „убиле сите бугарски службеници во неколку помали градови со оружје „добиено од непријателски авиони, кои се изгледа руски“..

Сепак, вистинските, проверени информации морале да се соберат од „самото место“, односно преку разузнавачи кои ќе работат на теренот. За разлика од британските воени мисии, кои на територијата на Македонија пристигнале во октомври 1943 година, првите самостојни американски воени мисии во Македонија дошле една година подоцна, при крајот на јуни 1944 година. Претходно, во почетокот на март 1944 година, во британските и американските воени кругови започнале дискусии за стационирање на првата американска воена мисија на територија на Македонија.

Во таа насока на 22 март 1944 година била испратена телеграма од Одделот  за Југославија до британската воена мисија која се наоѓала во Македонија во која се укажува дека било договорено меѓу „Тито, Американците и нас“, Американците да ја преземат мисијата при Македонскиот ГШ“

Во истата телеграма се истакнува дека Американците како „постар претставник при ГШ“ го праќаат својот „воен експерт“, мајорот Скот Дикенсон. Мајорот Дикенсон бил првиот американски офицер што бил испратен при Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, а со тоа започнало инфилтрирањето на американските воени мисии во македонската партизанска војска. Според планот, Дикенсон требало да биде спуштен во Македонија на 5 април 1944 година.

Според проф. д-р Тодорт Чепреганов, Американците сепак морале да ја одложат мисијата за речиси два месеца подоцна. Поради бугарската пролетна офанзива, Главниот штаб на Македонија се наоѓал во постојано движење низ Источна Македонија со што се одложувало спуштањето на американскиот разузнавач на македонско тло.

Сепак, условите за спуштање на Дикинсон биле создадени во средината на јуни, па ноќта меѓу 23 и 24 јуни првиот американски официјален разузнавач бил спуштен со падобран, но не на Скопското кале туку во „близина на Врање“. Потоа, од Врање, во почетокот на јули, Дикенсон се упатил кон Македонија каде што на планината Козјак се наоѓал Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

Формирање на македонска национална држава со обединување  на сите Македонци!

Пред спуштањето на мајорот Скот Дикенсон во Македонија, американската разузнавачка служба направила тајно „истражување и анализа“ за политичката состојба во Кралството Југославија, односно за „прашањето на југословенската федерација“. Во анализата, меѓудругото, стои дека „Македонците не се сметаат себеси за јужни Срби, што е целосно вештачки термин“ и дека „Македонија би можела да ја оправда својата автономија врз основа  на етничкиот принцип“, а „федерализмот и династијата Караѓорѓевич се неспоиви“ работи, иако „се уште не постои целосен договор за тоа колку автономни држави ќе се формираат“. Според анализата, „ловоровиот венец што го опкружува новиот партизански печат, кој се употребува и на нивните патни исправи, е поделен на пет дела, означувајќи ги петте националности: Срби, Црногорци, Словенци, Хрвати и Македонци“.

Американското тајно истражување и анализа за  Македонија, направени  пред седумдесетина години, покажале дека „Македонија дефинитивно не припаѓа на српската единица, затоа што етнички, национално, општествено, психолошки и историски Македонците се разликуваат од Србите. Македонците лигнвистички повеќе се разликуваат од Србите отколку што Србите се разликуваат од Хрватите. Македонците се разликуваат од сите соседни народи – тие не се ниту  Албанци, ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби – а веќе имаат организирано и силно движење за автономија во рамките на јужнословенската  федерација“. Според разузнавачката анализа на Американците, направена пред да биде испратен првиот американски агент меѓу македонските партизани, „формирањето на македонската  национална држава би можело да се реализира единствено со обединување на сите Македионци (кои живеат во Југославија, Грција и во Бугарија) во една единица која би била дел од југословенската федерација“.

Притоа, „вклучувањето на Македонија во Југославија е оправдано затоа што југословенска Македонија е пиемонт на сите Македонци, и затоа што беше промовирана во оваа војна од антифашистички сили кои се во спротивност од она што го заговара Ванчо Михајлов кој беше држен од Хитлер во резерва за да ја заплашува Бугарија дека ќе ја изгуби Македонија ако не ги исполнува барањата на Оската“.

На крајот од истражувањето американските разузнавачки експерти подвлекуваат дека „една работа е јасна – идејата за федерализам има многу поголема поддршка отколку идејата за  централизам“.

По пристигнувањето  во Македонија, американскиот  шеф на  воените мисии, мајорот Скот Дикенсон за првпат независно од британските мисии  започнал со испраќање извештаи до своите претпоставени за она што се случувало на територијата на Македонија.

Тоа биле првите независни информации за состојбата во Македонија од амеркански известувачи. Во еден од тие извештаи е нагласено дека „македонското прашање ќе биде еден од најтешките проблеми што ќе треба да се решаваат на Балканот“ и дека „без разлика какво ќе биде решението, тоа секогаш ќе наидува на жестоко спротивставување од едната или од другата страна“.

Во меѓувреме, додека Дикенсон е меѓу македонските партизани, американските весници објавуваат информации и репортажи за состојбата во Македонија, а на 11 април 1945 година „Њујорк тајмс“ ја пренесува и изјавата на Југословенската влада дека таа, Владата на Тито, нема да го покренува прашањето „за инкорпорирање на целата македонска територија во близина на Југославија, со главен град во Скопје“. Во таа насока мошне интересна е и репортажата на американскиот новинар Морис Вестерн, кој од Македонија, под наслов „По илјада година – слободна Македонија“, пишува дека во „Скопје, Прилеп, Битола и во Охрид, и во сите околни села, се пројавува автентичен, дури и нагласен  македонски национален патриотизам“, и дека сите луѓе во градовите и селата не се сметаат „за Грци, Срби или Бугари туку само за Македонци“.

Сепак, според  проф. д-р Тодор Чепреганов, американската политика, по смртта на Рузвелт во април 1945 година, веднаш влегла во сферата на таканаречената реална политика, застанувајќи во одбрана на интересите на западната демократии во Грција и во Турција. Со тоа двете големи сили, Велика Британија и САД застануваат зад прокламираната федерална Македонија како единствена „дозволена“ солуција за македонското национално прашање“.

Следејќи го тој курс, македонските партизани, со Второто заседание на АСНОМ, само ја финишираат фазата кога еден дел од македонските  политички и воени раководители се надевале дека ќе се реализира идеалот на голем број македонски револуционери за обединета, самостојна и назависна македонска држава.

Според д-р Тодор Чепреганов, некои од нив, оние кои не можеле да ја прифатат реалноста, односно она што веќе го решиле Америка и Британија, завршија по островите, затворите и во изолација. Паралелно со тоа, од тој момент, целокупната политика во однос на Македонија беше преземена и раководена од Белград, а македонското национално прашање доби употребна вредност за реализирање на одредени  југословенски интереси. Сето тоа всушност беше реализирање на планот што уште во втората половина на 1944 година е зацрртан од страна на Черчил како „британски интерес и британска политика на Балканот“. Во основа тоа значело да се напушти Југославија а со сите достапни политички и воени сили целиот британски интерес да се насочи кон Грција.

Американската мисија била повлечена во мај 1945 година

Американската воена мисија при Главниот Штаб на НОВ и ПОМ дејствувала во периодот помеѓу јули 1944 и мај 1945 година како втора разузнавачка мисија во Вардарска Македонија. Мисијата пристигнала преку Србија, а ја сочинувале мајорот Скот Дикенсон, шеф на мисијата, Тед, радиотелеграфист, Стево Бузич и Стив Силјанов, по потекло Македонец, преведувачи, и Стефан Бизик, наредник. Американската мисија била независна мисија која испраќала политички, воени и економски податоци до штабот на Канцеларијата за специјални служби а од Македонија  била повлечена во мај 1945 година.