Пред повеќе од стои години, отприлика ова време, во септември, војводата Диме Чакре бил негде во близина на Прилеп. Предавникот Крапче го дознал местото и веднаш ја предал четата, но прилепскиот кајмакам не брзал да испрати потера затоа што било некаков празник. Во таква ситуација, наместо да  се повлече, и да чека власта да си ја заврши работата тогаш кога ќе одлучи таа, Крапче му се заканил на кајмакамот за неажурноста:

„Јас телеграф ќе удрам на пашата во Битола!“ Или, со денешен јазик кажано, на „пашата“ во Брисел или на „пашата“ во Вашингтон! По заканата, кајмакамот бил принуден да издаде заповед веднаш да се тргне во потера по комитите.

Предавството како познатлив белег на македонскиот фолклор!

Мотивот предавство во македонскиот фолклор се среќава уште во записите на Марко Цепенков, поточно во две песни забележани од големиот собирач на македонското народно творештво. Песните се појаснети со негова „Белешка за војводитe“, со список на прилепски и кичевски војводи и комити, кои дејствувале во времето од 1878 до 1894 година. Во песната „Коне војвода Павлески и неговата дружина“ е даден историски вистинитиот опис за тоа како војводата Коне бил предаден на турската потера. Според песната предавството го извршил Илија Педа, епитроп на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош. Го поканил војводата со четата да дојде во манастирот на вечера, а во меѓувреме го известил уќуматот дека ќе дојдат комити, па да ги „фатат живи и да ги истепаат“.

Втората песна е песната за „Диме Чакре, прилепски војвода“, мошне интересна по содржина и по описите на одделни нејзини епизоди. Во истражувањето на проф. д-р Кирил Пенушлиски, истакнат македонски  фолклорист, основоположник на оваа наука во Македонија, кој почина пред тринаесет години во Скопје, стои дека предавството како мотив во нашите револуционерни песни е еден од најпрепознатливите белези на македонската фолклорна традиција.

Но да се вратиме на песната за војводата Диме Чакре, која недвосмислено ја потврдува упорноста на македонските кодоши по секоја цена да ја извршат својата предавничка мисија. Имено, кодошот Крапче ги предал војводата и комитите навреме и по пропис, но прилепскиот кајмакам не се согласил да испрати потера затоа што било празник, поточно Велигден. И во таква ситуација, значи на празник, македонскиот предавник Крапче од Прилеп не само што не  се повлекол, туку остро му се заканал на кајмакамот: „Јас телеграф ќе удрам на пашата во Битола!“

Преплашен да не ја изгуби позицијата и доходовната фотелја, кајмакамот бил принуден да издаде заповед да се тргне по комитите. Војската успеала да ја опколи четата на Чакре; овој ги повикал своите комити да се бијат јуначки, а бидејќи власта не успеала да ги победи, ги запалила куќите во кои се наоѓале. Значи, Крапче си ја завршил работата како што доликува на предавник како него. Без разлика што било празник што го почитувал дури и кајмакамот!

„Граѓани са се скарале, на партии са делени, парите са ги изеле!“

Во зборникот на  Панчо Михајлов, поет и војвода, меѓу  67 песни се наоѓаат и пет песни со мотивот предавство. Во песната за Мише Развигоров е опеана херојската смрт на овој штипски војвода. На патот кон Штип, Мише бил предупреден од Ефрем од селото Сушево: „Не влевај Мише у градо/ граѓани са се скарале/ на партии са делени/ парите са ги изеле/ Мише, ќе ми те предадат!“

Војводата не го послушал советот, влегол во градот и веднаш бил поткажан на Турците. Опколен во куќата  што војниците ја запалиле, тој сепак не се предал, туку жив изгорел. Во песната „Леонид војвода и јунакот Томе“, пак, војводата побарал од Томе да му донесе вечера надвор од селото. Потоа, откако за ова барање дознале „шпионите Визировци“, трчечкум го предале известувајќи дека „ќе иде ван од село/ преди с’нцето да зајде“. Турците го пречекале и го убиле.

И во песната „Загинувањето на младиот Мирчо“ се портенцира дека војводата со дружината влегува во селата Војница, Краинци и во Извор, каде што фаќа и погубува двајца шпиони – „Дачо и Пенчо Котев шпионино“. Кога се вратил во селото С’лб, Мирчо во дружината бил предаден на Турците и убиен. Следната песна, онаа за „Јованче Карасулски накажува шпион“ веќе во насловот ја посочува темата и настанот. Дејството се одвива во гевгелиското село Лубница во кое Јованче дошол во потрага по ошанските шпиони. Откако разбрал дека претходната ноќ Нико капидан и шпионите биле кај „Танче чорбаџија, тоа Танче Влао“, Јованче отишол пред портите на чорбаџијата, а потоа песната завршува со стиховите: „Ајде бре момчиња, храбри виј јунаци/ право врвејте в Танчовата куќа/ и сичко си тамо под ножа турете!“ Сепак, од петте песни со мотивот предавство во зборникот на Панчо Михајлов-Чавдар,македонски револуционер, публицист, книжевник и еден од најзначајните интелектуалци во движењето, најинтересна е песната „Сестра издава брата си Арса“. Сестрата ги информирала Турците:

„Ако го Арса барате/ в село е Подвис на гости/ на седум куќи кондисал/ кај Арса и кај Томета!“  Кога турската потера пристигнала во Подвис, започнала борбата, а песната на крајот завршува со стиховите: „Сестра си брата издала/ сестра си брата предала.“

Тој го предаде Алексо за стоподесе ж’лтици!“

Десет песни во зборникот „Македонски народни песни“ на Коста Црнушанов се посветени на револуционери кои загинале поради предавство! Песната „Заробувањето на Алексо Турунџе“ го опишува предавството на легендарниот војвода извршено од кодошот Митре Гинков:

„Бог да убие шпионо/ шпионо Митрета Гинков/ шчо го предаде Алексо/ Алексо, страшен бунтовник/ тој го предаде Алексо/ за стоподесе ж’лтици…“

И војводата Марко Лерински загинал поради предавство: „Проклети биле чпиони/ Марка војвода предадоо“. Во песната, пак, „Не жаљај, мајко, зашчо јас ќе умрам“ на предавството му претходи предупредување од мајката:

„Не оди Кире, по дејна/ ного шпиони има/ ќе ми те предадат!“ Песната завршува со зборовите на војводата: „Проклети да са, мајко,/ моите шпиони/ на часо ме видоја/ и ме предадоја…“

Според истражувањето на Пенушлиски предавството како мотив го има и во песната за смртта на Гоце Делчев во која се пее за „црната чума во Демир Капија.“

Во еден од стиховите на оваа песна се вели дека „Пусти се црни шпиони/ Делчета ми го предадова“ , а Гоце Делчев потоа одговара: „Другари верни, зговорни/ бргу држете пусија/ оти сме ние предадени/ од тие пусти шпиуни!“

И Даме Груев, најблискиот другар и соработник на Гоце Делчев, загинал предаден од македонски шпиони во малешевското село Русиново:

„Бог да убие, наш’те душмани/ што предадоха славната чета/ славната чета, чуени војвода/ чуени војвода – Дамјан Груев!“

Познати се и песните за предавството на Георги Сугарев во мариовското село Паралово, но и предавството на Лазар Поптрајков предаден од Коте, кој му ја пресекол главата и му ја однел на грчкиот владика Каравангелис во Костур за „пендесет лири“ награда.

Во „секој род има изроди“!

„Зла коб постојано била надвисната над македонската нацционална борба за слобода. Нединството што се манифестирало уште во времето на Кресненското и Разловечкото востание продолжило да трае со уште поголем интензитет. Туѓите пропаганди најмногу придонесувале за меѓусебните идеолошки судири со трагични последици. Мотивот предавство во нашиот фолклор се потврда за македонската  трагедија на братоубиствени пресметки. Народните пејачи што ги создавале револуционерните песни со мотивот предавство, предавниците секогаш ги осудувале со клетви и проклетства, откривајќи им на поколенијата дека во „секој род има изроди“, запишал основоположникот на македонската фолклористика Пенушлиски во своето истражување за  предавството како мотив во нашите револуционерни песни

Во секој случај, опеаните предавства, казнувани од народот со  клетви и проклетства, повеќе од еден век потсетуваат на тоа дека во „секој род има изроди“ а во „Песната за Апостол Петков Ениџевардарски“, на пример, наоѓаме и потврда за тоа дека меѓу Македонците постојано бил присутен стравот од предавство. Кога Апостол војвода бил предупреден да не оди во село Бојмица, затоа што таму го чекаат три пусии, а третата пусија се „клети шпиони“, тој одговара:

„Не ми е страх, бе мој дружино/ мен не ми е страх от андартите/ нито ме е страх од џандарите/ нај мен ми е страх, бре моја дружино/ нај мен ме е страх од другарите/ с тија шо пија и заедно спија“. Затоа, во тој контекст, македонскиот народ денес, и во ова време на предавства, мора да се чува од своите, од оние што со нас „пијат и заедно спијат“.