Американската воена база „Рамштајн“ во Германија деновиве ја прими најголемата пратка на оружје и муниција, во време кога силите на НАТО во Европа ја засилуваат својата позиција на одвраќање на заканите поврзани со зголемените тензии со Русија, објави „Бизнис инсајдер“.
Во „Рамштајн“ месецов пристигнале околу 100 контејнери различно оружје, што претставува најголема залиха на воена опрема, миниција и оружје што базата ја примила во 21 век, .
Воената база „Рамштајн“ е создадена во 1953 година. Таа е главен штаб на американските Воздухопловни сили во Европа и Африка и седиште на Сојузничката воздухопловна команда на НАТО. Базата е дел од американската воена заедница во Кајзерслаутерн во југозападна Германија, која освен оваа вклучува и други помали бази.
„Рамштајн“ е позната како „мала Америка“, бидејќи воената заедница во Кајзерслаутерн опфаќа повеќе од 50.000 американски војници и друг воен персонал. Тоа е најголемата таква заедница надвор од САД.
– Ваква огромна пратка на воени залихи не сме добиле уште од времето на операција „Сојузнички сили“ (кодното име на кампањата против Србија) во 1999 година. Добиеаната воена опрема е потребна за идните операции во регионот под команда на САД во Европа, изјави Дејвид Хед, висок офицер во базата.
Друг висок офицер потврди дека зголемената залиха на оружје и муниција во „Рамштајн“ ќе биде дел од резервите на американските Воздухопловни сили во Европа, со што ќе се поддржува Европска иницијатива за одвраќање на заканите.
Како што јави МИА од Вашингтон, оваа американска воена програма, претходно позната како Европска иницијатива за гаранција во Европа, чиј буџет во 2017 година изнесуваше 3.4 милијарди долари, поддржува армиски проекти откако Русија го анектираше Крим.
Рекордната испорака на нови залихи ја истакнува клучната улога на воздухопловната ескадрила во „Рамштајн“ за поддршка на американските и силите на НАТО во поширокиот регион.
– Воените служби во базата се способни да достават воена опрема и минуција во било која точка на континентот за многу кратко време, изјави висок офицер од базата.