Независната советодавна комисија на американската Управа за храна и лекови (ФДА) изгласа препорака за трета доза на вакцина против Ковид-19 за Американци на возраст од 65 години и постари, како и за лица со висок ризик од тешки болести, откако со големо мнозинство е одбиена препораката за нејзина поширока примена.
Комисијата, исто така, препорача ФДА да ги вклучи во одлуката здравствените работници и другите луѓе со висок ризик од професионална изложеност на коронавирусот, како на пример просветните работници.
– Ова е важен чекор напред во обезбедувањето подобра заштита на Американците од Ковид-19. Подготвени сме да им обезбедиме дополнителни дози на оние кои ги исполнуваат условите, кога процесот ќе заврши кон крајот на следната недела, соопшти Белата куќа
Се очекува ФДА наскоро да донесе одлука за трета доза на вакцината, што не е поврзано со препораката на советодавната комисија, но ја зема предвид.
Научната заедница во САД во изминатите денови е поделена околу потребата за трета доза и околу прашањето кој треба да ја прима, додека Светската здравствена организација не се согласува богатите земји да им даваат трета доза на своите жители, додека сиромашните држави немаат доволно вакцини ниту за прва доза.