Министерството за правда на САД и 11 држави покренаа антимонополска тужба против Гугл за кршење на законот, бидејќи компанијата ја искористила својата доминантна позиција на пазарот за да ги ограничи своите конкуренти, јавија американски медиуми цитирајќи извори во Министерството.

Гугл, чиј пребарувач е толку широко користен што неговото име стана глагол, имаше приходи од 162 милијарди долари во 2019 година, што е повеќе од приходите на Унгарија.

Тужбата е покрената на десетина дена пред претседателските избори во САД и ова може да се смета како политички гест, бидејќи го исполнува ветувањето на претседателот Доналд Трамп пред неговите приврзаници да се побара одговорност од компаниите, кои наводно ги задушуваат конзервативните гласови.