Дел од медиумите во САД пишуваат за датумот и местото на потпишување на договорот помеѓу Македонија и Грција, додека некои телевизии ги набројуваат случаите во историјата со преименување на земји.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, „Ројтерс“ денес се повика на владини извори и потврди дека договрот ќе биде потпишан во недела.
– Грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот колега Зоран Заев се договорија официјалното име на земјата да биде „Република Северна Македонија“, која во ОН формално е призната со привременото име „Бивша југословенска Република Македонија“, пишува агенцијата.
„Њујорк тајмс“ укажауваат дека по договорот се фрлаат дрва и камења од опозицијата во двете земји. Осуда за неговото потпишување и карактеризации дека е предавство на националните интереси, доаѓаат подеднакво и од едната и од другата страна. Во меѓувреме, се подготвуваат протести и во двете земји.
– Македонскиот претседател вети дека ќе го блокира неговото можно изгласување во Собранието, додека грчката опозиција во Парламентот подготвува гласање за недоверба на владата на Ципрас, пишува „Њујорк тајмс“.
Наведува дека предлогот да се гласа недоверба стасал од Киријакос Мицотакис, лидер на опозициската Нова демократија, кој го опишал договорот како лоша зделка штетна за интересите на Грција.
Весникот додава дека на синоќашната дебата во грчкиот парламент најекстремен во своите реакции бил Константин Барбаросис од ултрадесничарската партија Златна зора.
– Пратеникот направи таква гужва што водеше кон отстранување на неговата пратеничка група од салата. Барбаросис ги обвини Ципрас, претседателот на државата и министерот за одбрана за велепредвство и ја повика грчката армија да ги упаси, пишува весникот, додавајќи дека грчкиот министер за правда, Ставрос Контонис, веднаш побарал од јавниот обвинител да покрене истражна постапка за тоа дали Барбаросис треба кривично да одговара за неговите испади.
Си-Ен-Ен пак вчера објави случаи од историјата кога некои земји биле преименувани, иронизирајќи дека во такви моменти ситуациите обично се усложнувале.
Во 1989 година Бурма го промени своето име во англискиот превод Мјанмар, додека поранешната престолнина на земјата Рангун, била преименувана во Јангон.
Во 1997 година Заир станал Демократска република Конго или ДРК, и покрај тоа што непосредниот сосед е именуван Република Конго. Од друга страна пак, името Заир постоело од 1971 година, а дотогаш државата се нарекувала Република Конго, истото име што сега го има соседот на север, посочи телевизијата.
Во 2016 година Република Чешка се обидела да се прекрсти во Чехија, но изгледа на многумина повеќе им одговара првата варијанта, иронизира Си-Ен-Ен.