Американски воен авион со четворица членови на екипажот се урна за време на воена вежба на НАТО во северниот дел на Норвешка, соопштија норвешките Центри за заедничка координација за спасување.
Не е позната судбината на екипажот, изјави портпарол на спасувачките центри.
Авионот од типот В-22 Оспри учествувал во вежбата на НАТО „Студена реакција“ кога околу 18.30 часот било пријавено неговото исчезнување, соопшти Центарот за спасување.
Како што се наведува, леталото учествувало во вежбата и требало да слета во 18 часот. Временските услови во зоната за маневри биле многу лоши.
– Го пронајдовме од воздух. Го најдовме откако го добивме сигналот за итна помош, истакна портпарол на Центрите за спасување.