Американскиот амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман, денеска ги критикуваше „опасно налудничавите антиамерикански пораки“ на унгарските власти и нивното „продлабочување на односите со Русија“.

Во острото обраќање по повод 25-годишнината од приемот на Унгарија во НАТО, Пресман истакна дека САД „ниту можат да разберат, ниту да прифатат премиер кој ги идентификува САД како главен непријател“, пренесува Политико.

Тој ги отфрли тврдењата дека САД се обидуваат да ја соборат унгарската влада, како и дека не може да ја игнорира „изјавата на претседателот на унгарскиот парламент дека војната на Путин во Украина всушност ја водат САД“.

– Со другите наши сојузници сме во контакт, соработуваме, работиме заедно, дури и кога има меѓусебни разлики. Овде, тоа не функционира додека не направиме нешто, предупреди Пресман.

Неколку часа по ова обраќање, унгарскиот премиер Виктор Орбан објави видео на социјалната мрежа Х во кое зборува за „тешкиот период во американско-унгарските односи“ и тврди дека САД и поставуваат неприфатливи барања за Унгарија.

– Тие бараат од нас да влеземе во војна, а ние не можеме да го направиме тоа. Очекуваат да зборуваме исто како нив, дека миграциите се добра работа, а ние мислиме дека миграциите се лоша работа. Тие очекуваат од нас да ги поддржуваме правата на ЛГБТКју, но ние веруваме во семејството, истакна Орбан.

Поради овие разлики, администрацијата на Џозеф Бајден, оцени Орбан, „одлучила да ја смени владата во Унгарија со финансирање левичарски партии, медиуми и невладини организации“.

– Ние сме сојузници, но не сме робови, заклучи Орбан и додаде дека американските републиканци имаат повеќе разбирање за Унгарија.

Секретарот на унгарската влада за билатерални односи оцени дека обраќањето на Пресман „не било достојно за амбасадор, туку за левичарски активист“.