Мировната конференција за Украина, која Швајцарија ја организира на крајот на следната недела, е само почеток на преговорите, а најверојатно ќе следат преговори со Русија, изјави швајцарската претседателка Виола Амхерд.
– Јасно ни е дека на крајот од конференцијата нема да потпишеме мировен договор, рече Амхерд во коментар објавен од германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Двете страни треба да бидат на маса за мировни преговори, рече таа, мислејќи на фактот дека Русија не беше поканета да учествува на самитот во Швајцарија. „Тогаш Русија би можела да присуствува на можна последователна конференција“, додаде Амхерд.
Швајцарија покани околу 160 земји на дискусии за можните начини за постигнување траен мир во Украина. Русија, која почна целосна инвазија врз Украина пред повеќе од две години, не доби покана. Украина ќе учествува на конференцијата.
Досега повеќе од 80 земји потврдија дека ќе се приклучат на состанокот во Швајцарија, кој ќе се одржи на 15 и 16 јуни.
Москва соопшти дека Русија немаше да учествува дури и да беше поканета.
Фото: МИА архива