Талибанците се приближуваат до меѓународното признавање, но сите отстапки што ќе ги направат новите владетели во Авганистан ќе бидат според нивните услови, изјави во интервју за АФП шефот на дипломатијата на режимот Амир Кан Мутаки.
Во своето прво интервју по враќањето од разговорите со западните сили во Осло, Мутаки, исто така, го повика Вашингтон да ги ослободи средствата на Авганистан за да помогне во ублажувањето на хуманитарната криза.
Ниту една земја официјално не ја има признато владата што беше формирана откако талибанците ја презедоа власта во август минатата година, кога меѓународните сили, предводени од САД, се повлекоа по 20 години минати во неа во обид да воведат демократија.
Но, Мутаки доцна синоќа кажа дека новите владетели на Авганистан полека добиваат меѓународно признание.
-Се приближуваме до целта за признавање. Ова е наше право, право на Авганистанците. Ќе продолжиме со нашата политичка борба и нашите напори додека не го добиеме нашето право, изјави Мутаки.
Минатомесечените разговори во Осло беа првите на кои талибанците разговораа со западни претставници. Иако Норвешка инсистираше на тоа дека состанокот нема за цел официјално признавање на тврдокорната исламистичка група, талибанците токму тоа го истакнаа како придобивка под средбата.
Мутаки во интервјуто изјави дека неговата влада активно работи со меѓународната заедница, што е јасен знак за растечкото признавање.
-Меѓународната заедница сака да работи со нас, рече тој. „Постигнавме добар напредок во овој поглед“додаде и потенцираше дека неколку земји веќе имаат амбасади во Кабул и се очекува наскоро да бидат отворени повеќе.
„Очекуваме и амбасадите на некои европски и арапски земји исто така да ги отворат вратите“, рече тој.
Мутаки, исто така, кажа дека какви било отстапки направени од талибанците во областите, како што се човековите права, ќе бидат според нивните услови, а не како резултат на меѓународен притисок.
-Ова што го правиме во нашата земја не е затоа што треба да исполнуваме услови, ниту ќе го правиме под нечиј притисок, рече тој. „Ние тоа го правиме според нашиот план и политика.