Оперската дива Ана Дурловски, во гостувањето во емисијата „Ништо лично“ со Антонио Димитриевски, отворено проговори за еден од најтешките периоди во животот на нејзиното семејство, за последиците од настаните на 27 април, односот на институциите кон неа и нејзиниот сопруг Игор Дурловски, но и за љубовта и поддршката што ги добиле од граѓаните.

Иако зад себе има импресивна меѓународна кариера и настапи на најпрестижните светски оперски сцени, Дурловски вели дека во еден период таа и нејзиниот сопруг практично биле отсутни од македонската концертна сцена.

„Никакви, ни концерти, ништо, ништо. Ни Охридско лето, каде што сме биле секогаш добредојдени. Ниту еден концерт немавме во текот на тие, колку беа, седум години“, изјави Дурловски, зборувајќи за периодот кога на власт во Македонија дојде СДСМ.

Таа смета дека таквиот однос не ѝ нанел штета на нејзината професионална кариера, бидејќи продолжила да настапува надвор од Македонија, туку дека најмногу изгубила домашната културна сцена.

„Не сметам дека мене ми направија штета. Сметам дека изгуби уметничката сцена македонска. Ете, нескромно ќе го кажам тоа“, рече Дурловски.

Во разговорот со Димитриевски, таа се осврна и на семејната драма низ која поминале по настаните од 27 април и судските постапки во кои беше вклучен нејзиниот сопруг Игор Дурловски.

Како што истакна, најголемата сила да ги надминат тешките моменти ја црпеле од сопственото уверување дека постапиле исправно.

„Тоа што мене лично ми помогна и зошто ние успеавме да го поминеме ова е затоа што бевме сигурни дека сме на вистинскиот пат и дека ништо лошо не сме направиле“, истакна оперската уметница.

И покрај тешките моменти и, како што самата го опишува, јавниот линч, Дурловски вели дека никогаш сериозно не размислувала да се откаже од професијата.

Особено емотивно зборуваше за поддршката што семејството ја добивало од обичните луѓе.

„Ние добивме толку многу љубов од луѓе, знајни и незнајни, и толку многу поддршка што сфативме што значи тоа да си дома. Дома си е дома. Многу повеќе добивме љубов и поддршка отколку линч“, рече таа.

На прашањето дали денес чувствува потреба за одмазда кон луѓето за кои смета дека му нанеле болка на нејзиното семејство, Дурловски одговори дека нема таква желба, но дека случувањата не можат да се избришат од сеќавањето.

„Немам потреба од тоа да се одмаздам, но не заборавам. Тоа едноставно не се заборава“, нагласи таа.

Според неа, најважно е што семејството успеало да го помине тој период без да дозволи негативните чувства да го определуваат нивниот понатамошен живот.

„Верувам во тоа дека секој ќе го стигне тоа како правел. Оставам на вишата сила да ја истера правдата до крај. Мене ми е битно дека ние не се заразивме со негатива и со лошотилук“, порача Дурловски.

Во интервјуто таа зборуваше и за состојбите во македонската култура, оценувајќи дека државата мора да има посериозен и постратешки пристап кон поддршката на врвните уметници.

„Многу ми е жал што имам чувство дека некогаш не сме свесни што имаме, каков квалитет на музичари имаме“, рече Дурловски, посочувајќи дека зад големите светски уметнички имиња најчесто стои и организирана поддршка од државата.

И покрај сите предизвици, таа останува посветена на музиката и на македонската публика, кон која, како што вели, има посебна емотивна врска.

„Публиката домашна не ја давам за ништо. Само дома си е дома“, порача Ана Дурловски во гостувањето во „Ништо лично“.