Русија ја загрозува безбедноста на Европа со барања од времето на Студената војна, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред годишната безбедносна конференција во Минхен, на која ќе доминира руско-украинската криза.
– Со распоредувањето војници на границата со Украина и барањата кои потекнуваат од Студената војна, Русија ги доведува во прашање суштинските принципи на европскиот мировен поредок, рече германската министерка и додаде дека Русија треба да направи сериозни напори со цел смирување на тензиите.
Меѓународните лидери и дипломати од денеска до недела се на годишната конференција за прашања од одбраната и безбедноста. Овогодишниот собир доаѓа во време на големи тензии меѓу Русија и западните земји кои стравуваат од напад на Москва врз Украина.
На тридневниот е најавено присуството на американската потпретседателка Камала Харис, министерот за надворешни работи на САД Ентони Блинкен, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Русија, чиј министер за надворешни работи Сергеј Лавров редовно присуствува на годишната конференција, не планира да учествува на собирот оваа година.
Шефицата на германската дипломатија ова отсуство го гледа како изгубена можност.
– Во сегашната, исклучително опасна ситуација, би било многу важно за нас да се сретнеме со руски претставници, рече Бербок.
Таа утре ќе претседава со министерскиот состанок на Групата седум најразвиени индустриски земји – Г7, а средбата ќе биде посветена на Украина.
Состанокот на министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Велика Британија, САД, Јапонија, Канада и Италија ќе биде можност да се испрати порака за единство, рече Бербок, чија земја во моментов претседава со Г7.